Премиерот Христијан Мицкоски смета дека есенската кошничка овозможила намалување на цените на одредени производи, особено на оние од житарки за околу 10 проценти. Тој додава дека надополнето со ученичката којшничка, која овозможила намалување на одредени производи и до 20 па и 30 проценти, овозможува заштеда за граѓаните. Според него, дополнително за подобрување на стандарот придонесува и ниската инфлација, која, како што рече, за август изнесува 2,2 проценти.
„Морам да кажам дека сме исклучително задоволни од тоа што се случува во одредени маркети, не во сите, бидејќи во некои за жал имаме и шпекулативно однесување. Но, онаму каде што се намалени цените тие се намалени со оваа таканаречена есенска кошничка некаде и повеќе од 10 проценти. Особено тоа се однесува на производите кои се од житарици“, рече Мицкоски одговарајќи на прашања по поставувањето камен темелник на нов објект на терминалот за стоково царинење со што се означува почетокот од надградбата и реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир.
Тој додаде дека со таканаречената ученичка кошничка дел од производите се намалиле и за 20, а некаде и 30 проценти. Тоа, вели, е голема заштеда за граѓаните која, исто така, влијае на стандардот. Дополнително рече, добро за стандардот на граѓаните е тоа што во август стапката на инфлација изнесувала 2,2 проценти.
„Не така одамна, пред една година стапката на инфлација беше 20 отсто и тоа беше директен удар на стандардот на граѓаните. Сега имаме ниски цени, инфлација која е најдобра во регионот и најдобра во евроа и ќе носиме мерки и политики дополнително да ја намалиме. Се сеќавате претходната Влада кажуваше дека инфлацијата е увезена, иако таа во тој момент беше двапати поголема од ЕУ земјите. Сега е двапати пониска од земјите од Европската унија“, додава премиерот.
Тој додаде дека како Влада продолжуваат да работат посветено, одговорно и чесно. Нас, рече, не плаќаат граѓаните и мора да го слушаме гласот на народот, бидејќи нема друга алтернатива.