Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска се огласи и рече дека Израел мора „да престане со своите злосторства или ќе се соочи со жестока реакција“.
Пезешкијан зборуваше еден ден откако Иран истрела речиси двесте ракети врз Израел и откако земјата отиде чекор понатаму во конфликтот со Хезболах со испраќање копнени трупи преку границата со Либан.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави одмазда за иранскиот напад.
„Доколку ционистичкиот режим не престане со своите злосторства, ќе се соочи со поостри реакции“, рече Пезешкијан во пресрет на претходно закажаната посета на Катар, пренесуваат државните медиуми.
Пезешкијан, претседател кој важи за поумерен од неговиот претходник, на државната телевизија изјави дека главната цел на неговото патување во Доха е да разговара за билатералните односи меѓу двете земји и да потпише договор со владата на Катар.
Таму ќе учествува и на Самитот на дијалогот за азиска соработка.
„Втората цел е да се разговара за тоа како азиските земји можат да ги спречат израелските злосторства во регионот и да ги спречат непријателите да започнат хаос на Блискиот Исток“, рече тој.
Текстот Иранскиот претседател до Израел: Доколку ционистичкиот режим не престане со своите злосторства, ќе се соочи со поостри реакции е превземен од МАКФАКС.