Неколку илјади луѓе присуствувале во нелегални забави за дочекот на Новата 2021 година во Франција. Така, изутринава се уште беше во тек недозволената забава во градот Лиерон (Иле-е-Вилајн), јужно од Рен, слични вакви собири имаше и во Марсеј, додека во Алзас, едно лице е убиено додека ракувало со пиротехника, јави дописникот на МИА.
– Има собир од неколку стотици лица во Лиерон, соопшти префектурата, потврдувајќи ги информациите од Уест-Франс. Други извори, особено на Франс Инфо, споменуваат илјадници учесници, кои доаѓаат од целата земја. Овие собири се забранети со декрет, додава префектурата.
На видео од Уест Франс може да се видат младите луѓе кои се забавуваат во нешто што изгледа како „рев партија”, без никакво почитување на мерките.
Во Марсеј, нелегалната забава на која се собраа речиси 300 луѓе беше прекината и растурена од полицијата на новогодишната ноќ, а повеќе од 150 од учесниците беа казнети за кршење на полицискиот час.
Тројцата наводни организатори на оваа вечер, во сала во Марсеј, беа уапсени и ставени во притвор за загрозување на животот на другите и скриена работа, соопшти обвинителот на Марсеј, Доминик Лорен. Покрај 150-те лица кои беа казнети со 135 евра за кршење на правилата за полициски час, уапсени се уште две лица, едно за повреда на јавниот ред и мир, другото за бунт и насилство врз лица кои одржуваат јавен ред, особено со оружје.
Покрај тоа, во Стразбур, место на „традиционално” урбано насилство за новогодишната ноќ, инцидентите биле помалку од претходните години со изгорени само околу шеесет возила, според извор од синдикатот на полиција, а имало и неколку апсења. Сепак, 25-годишно лице починал во текот на ноќта „со скината глава” од ракета за огномет во Долна Рајна. Жртвата ракувала со пиротехниката на улиците на Буфцхајм. Друго 24-годишно лице, кој го придружуваше, е со „огромни повреди на лицето” и е хоспитализирано.
Три други лица се повредени во рацете во други општини во Долна Рајна.
За јавниот ред и мир и почитувањето на полицискиот час синоќа беа ангажирани околу 100.000 припадници на силите на редот.