Група републикански пратеници би можеле да се обидат да ги оспорат резултатите од претседателските избори во САД, кога ќе бидат ставени за одобрување во Конгресот на САД на 6 јануари, се наведува во напис објавен на веб-страницата на телевизискиот канал Си Ен Ен.

Двајца републикански конгресмени изјавиле за медиумот дека очекуваат таков обид да направат околу 140 нивни сопартијци во Претставничкиот дом и неколку членови на Сенатот.

Според Си Ен Ен, сојузниците на актуелниот претседател Доналд Трамп меѓу републиканците фактички немаат шанси да го променат исходот од оваа постапка.

Во текстот на Си Ен Ен се наведува дека овие законодавци можат само да го одложат за неколку часа неизбежното потврдување на победата на демократот Џо Бајден за нов претседател на САД.

Според информација на телевизијата, шефот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, ги повикал своите сопартијци во Горниот дом да не се обидуваат да ги оспорат резултатите од претседателските избори.

На 6 јануари, на заедничка седница, двата дома на Конгресот треба да ги потврдат резултатите од гласањето на изборите. Според прописите, законодавците можат да се спротивстават на одобрување на резултатите од гласањето во некоја од сојузните држави. Приговорот мора да биде поднесен во писмена форма од најмалку еден член на Претставничкиот дом и од еден сенатор.

Доколку биде поднесен таков приговор, седницата на Конгресот ќе се одложи, за да може двата дома да го разгледаат одделно, а потоа да гласаат. Ако еден од домовите се спротивстави, приговорот не е прифатен. Експертите сметаат дека Претставничкиот дом, каде демократите имаат мнозинство, ќе гласа против секоја иницијатива што ја доведува во прашање победата на Бајден.(МИА)