Народниот правобранител започнува значаен проект за соработка со невладиниот сектор и УНДП, со цел подобрување на состојбата во областа на еколошката правда. Соработката ќе се формализира преку потпишување на меморандум, што ќе овозможи заедничко делување и упатување препораки до надлежните органи во однос на заштитата на животната средина и подобрување на состојбите.

Народниот правобранител Насер Зибери, во изјава за медиуми пред денешната тркалезна маса „Зголемување на соработката на народниот правобранител со здруженијата на граѓани во еколошката правда“ изјави дека целта на проектот е детектирање и изнаоѓање соодветни механизми за подобрување на состојбите.

– Проектот за соработка на НП со невладиниот сектор е со цел детектирање и изнаоѓање соодветни механизми како да се подобри состојбата во оваа област. За среќа, наидовме на одѕив и поддршка и од УНДП, кои ќе нè поддржат и денеска ќе потпишеме меморандум за соработка со УНДП и невладиниот сектор како придружен сервис кој може да даде голем придонес. Впрочем, невладиниот сектор е можеби и најголемиот гласноговорник за состојбите и проблемите со кои се соочува целата популација, не само кај нас, туку и во целата планета, рече правобранителот.

Според него, состојбата во доменот на собирање, складирање и преработка на отпадот ни е катастрофална исто како и онаа на реките, шумите и други состојби кои годинава ги имавме. Тој нагласи дека ова, како што рече, уште повеќе ја наметнува потребата и затоа смета дека во вистински момент го отпочнуваат проектот.

– Канцеларијата на НП и шесте подрачни канцеларии низ градовите ќе отпочнат соработка со овие НВО, ќе детектираме во кои проекти можеме заеднички да делуваме и експертите од НВО заедно со нашите служби, кои работат и на претставки на граѓаните, можеме заеднички да упатуваме соодветни препораки до надлежните органи, бидејќи, согласно Законот за народниот правобранител, постапува спрема сите државни органи, органи на едници на локална самоуправа, јавни претпријатија, да ги применуваат препораките кои ќе ги даде НП. А во градењето на тие препораки ќе биде многу важно и мислењето, но и видувањата на НВО за овие прашања затоа што тие навистина имаат соодветна експертиза, дополни Зибери.

Според постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП), Армен Григоријан, иницијатива е навистина важна за зголемување на соработката.

– Во рамки на оваа соработка голем број на народни правобранители од други земји ќе дојдат во Северна Македонија. Исто така, ќе имаме претставници и од организации од граѓанското општество надвор од Македонија кои што ќе ни помогнат. Се надевам на плодна соработка и дека е ова почеток на уште подобра соработка во иднина, рече тој.

Тања Темелковска, советничка за човекови права во Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН, смета дека овие стратешки партнерства треба да се градат, особено во областите што се нови и каде што се случуваат динамични промени на глобален план, тоа се пред сè еколошката правда и климатските промени.

– Од причина што овие повреди и промени на човековите права се однесуваат не на еден или група граѓани, туку на глобалната популација и како такви се мошне комплексни и потребна е соработка, меѓусебно поддржување во споделување на експертиза, вештачења, застапување пред сите судски инстанци во државата па и на меѓународен план. Она што е најзначајно е тоа што овие повреди ги засегаат и сегашните и идни генерации. Така што таа соработка меѓу НП, НВО и медиумите е многу значајна, изјави Темелковска.

Според Маја Марковска, претставник на Архус Центар, меморандумот и соработката ќе помогнат во институционализација на проблемите и користење на државните институции во нивно решавање.

– Како граѓански сектор ја немаме ниту можноста, ниту пак средствата за да може да делуваме на некои работи. Ние може да укажуваме, да бараме соработка од нив, но, без нивна директна инволвираност не може да се решат многу работи, посочи таа.

Во однос на главните проблеми на кои што ќе се фокусираат, Марковска ги сподели комплетната имплементација на Архуската Конвенција и сите обврски кои ги имаме од неа, соработка во однос на проблемите кои што произлегуваат од урбанизацијата, учеството на јавноста во процесот на донесување на одлуки, транспарентноста на институциите во донесување на плановите, особено во малите места.