Универзитетската клиника за неврологија никаде не ги евидентирала примените и потрошените лекови за ретки болести кои ги имале од донација ниту пак имало контрола и следење на наплатата на парите кои биле собирани по основ на испитувањата од клиничките испитувања, утврдил Државниот завот за ревизија (ДЗР) во својот конечен извештај за финансиското работење во 2023 година на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за неврологија.
Меѓу другото, ДЗР констатирал и дека биле ангажирани медицински сестри, болничари и лица на шалтер на договор на дело. Дополнително, во текот на 2023 година биле креирани помалку термини за прегледи преку апликацијата „Мој термин“.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги објави конечните ревизорски извештаи на ЈЗУ универзитетска клиника за неврологија за 2023 година. ДЗР изразува неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.
Меѓу конкретните проблеми кои ДЗР ги истакнува е тоа што примените и потрошени лекови за ретки болести од донација не се евидентирани во материјалната и сметководствена евиденција.
За потребите на клиниката од Министерството за здравство во текот на 2023 година доставени се лекови во износ од 215.149 илјади денари, а состојбата на неискористени лекови на крајот од годината изнесува 30.142 илјади денари. Со цел да има увид на расположливите количини на лекови со кои ЈЗИ располагаат и да се намали ризикот од дефиците на потребните лекови за ретки болести од 1 јуни 2023 година министерството има воспоставено модул и води електронски регистар за ретки болести во рамки на системот Мој термин. Приемот и издавањето на овие лекови не е евидентирано во сметководствената евиденција на клиниката односно воспоставена е пракса да се води во рачни т.е. помошни книги. Во текот на 2023 година по основ на донација приени се лекови во износ од најмалку 78.809 илјади денари кои не се евидентирани во атеријалната и сметководствената евиденција на клиниката. Имајќи предвид дека има испратници за дадени донации на кои не е наведена вредноста на донацијата, постои можност наведениот износ да биде и поголем поради што ревизијата не беше во можност да ја потврди целосноста на дадените податоци“, пишува во извештајот на ДЗР.
Дополнително, во текот на 2023 година биле креирани помалку од законски утврдените термини за вршење здравствени услуги со користење на медицинска опрема преку апликацијата Мој термин.
Со извршениот увид во податоците генерирани во Мој термин за извршените здравствени услуги со користење медицинска опрема утврдивме дека во текот на 2023 година биле закажани и реализирани 2.732 термини што претставува 13 отсто од задолжителните прегледи кои клиниката имала обврска да ги закаже, согласно правилникот. Од страна на Министерството за здравство во текот на 2023 година е извршена контрола и со записник е утврдена горенаведената состојба. Од одговорните на клиниката добивме образложение дека ваквата состојба е резултат на специфичната дејност на клиниката која во најголем дел врши итни прегледи или прегледи без термин. Ова влијае врз начелото за достапност на здравствените услуги“, констатирале ревизорите.
Исто така, биле ангажирани медицински сестри, болничари и шалтерски работници со договор на дело, без согласност на Министерството за финансии.
Со извршениот увид во презентираната документација за начинот на ангажирање и исиплата на ове лица, констатиравме дека за првите седумм месеци договорите склучени преку јавната установа за заеднички работи, а клиниката нема доставено барње за добивање согласност од Министерството за финансии. За останатите пет месеци договорите на дело се склучени директно со клиниката за неврологија, за што е доставено барање, но не е обезбедена согласност. Наведената состојба не е во согласност со Законот за трансформација во редовен работен однос“, се наведува во извештајот на ДЗР.
ДЗР потенцира дека не е обезбедена и транспарентност, контрола и следење на активностите и целосна наплата на приходите за Клиниката од клиничките испитувања. Дополнително, во дел од спроведените постапки за јавни набавки била утврдена несоодветна примена на Законот за јавни набавки.
Освен наведените неправилности, како системска слабост се потенцира тоа што Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење и Централниот систем за регистрација на работното време при Министерството за здравство не се воспоставени во целост.
За надминување на утврдените состојби издадени се препораки со цел преземање мерки и активности од одговорните лица во функција на подобрување на состојбите“, велат од Државниот завод за ревизија.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.