„Поради болниот ишијас, Светиот Отец нема да ги предводи вечерашните или утрешните прослави“, стои во соопштението издадено од шефот на канцеларијата за печат на Светата Столица, Матео Бруни.
Вечерната миса и Те Деум ќе бидат предводени од кардиналот Џовани Батиста Ре, а за светата миса на 1 јануари 2021 година е пријавен кардиналот Пиетро Паролин.
Во петок, 1 јануари, „папата Франциск, сепак, ќе го води Ангелус од Апостолската библиотека во Ватикан, како што е закажано“, објави Ватикан.
Непосредно пред Божиќ, двајца кардинали од опкружувањето на папата Франциск се заразиле со ковид-19, покренувајќи нови прашања за тоа колку е заштитен 84-годишниот Свет Отец, кој ретко носи заштитна маска.
Папата е изложен на ризик бидејќи во 1957 година, на 21-годишна возраст, дел од десното белодробно крило морало да му се отстрани поради плеврит (воспаление на белите дробови), според неговиот биограф Остин Ајвери.
Ватикан не соопштува кога папата Франциск ќе се вакцинира против ковид-19.