Спортот во 2020 година како во целиот свет така и во Македонија помина во знак на пандемијата на коронавирусот која ги диктираше случувања на сите аспекти од општеството.
Пандемијата го запре спортот на неколку месеци, ги затвори вратите од спортските борилишта и за навивачите и тоа во годината која е историска за македонскиот фудбал.
Токму фудбалот, односно историскиот пласман на фудбалската репрезентација на Македонија е единствената светла спортска точка оваа година.
Конечно дојде време фудбалерите да им ја „украдат“ славата на ракометарите, кошаркарите, па и на одбојкарите кои минатата 2019 година исто така остварија историски успех и играа на Европско првенство, а во исто време можат да се пофалат дека и тие имаат некаква „ѕвездичка“ од континентален или светски собир.
Речиси 30 години од првиот настап на македонската репрезентација, односно од историскиот 13.октомври 1993 година кога Македонија во Крањ ја совлада Словенија со 1:4, Македонија сонуваше за пласман на фудбалерите на големо натпреварување.
Точно 27 години подоцна, на 12. ноември тој сон стана јаве, Македонија со 0:1 ја совлада Грузија во финалето на баражот од Лигата на нации и обезбеди пласман на Европското првенство кое поради пандемијата на коронавирусот е одложено за наредната година.
Фантастичната акција во три потези заврши со гол на капитенот Горан Пандев, фудбалерот кој со тој потег ги испиша најубавите страници во својата кариера. Фудбалерот кој највеќе од сите во историјата на македонскиот фудбал го заслужи овој успех, во своето богато портфолио ги запиша и највредните зборови, како капитен ќе ја предводи Македонија на Европско првенство.
– Ги изработивме како на тренинг. На еден натревар од такво големо значење да се изработи таква акција е доказ за твојот квалитет. Обично на такви финалиња, на такви моменти тоа е момент на инспирација. Ова беше момент на квалитетна акција. Затоа постојано велам дека работите се случуваат со причина и така сакаше да биде, стрелец на голот да биде тој што е фудбалска икона, најдобриот фудбалер на сите времиња во Македонија, Горан Пандев, да биде човек на одлука. Покрај тоа, огромни заслуги за сите што настапија – вели селекторот Игор Ангеловски.
Сепак, патешествието на репрезентацијата беше многу подолго поради пандемијата. Првиот од двата најзначајни чекори во 2020 година требаше да се случи на 26. март, но се случи шест месеци подоцна. Иако беше предвидено на Националната Арена „Тодор Проески“, Македонија да игра против Косово во полуфиналето од баражот од Лигата на нации за пласман на ЕП, тој натпревар се одигра половина година подоцна токму поради пандемијата.
Коронавирусот го „одложи“ натпреварот на 26. март, го „одложи“ и вториот термин, 7. јуни, за на 8. октомври, „црвено-жолтите“ конечно да го направат првиот од двата потребни чекори, со 2:1 го совладаа Косово и си обезбедија одлучувачки дуел со Грузија.
– Можеби тој период во март, во јуни и во октоври сигурно имаше непроспиени ноќи, но постоеше поголема неизвесност, со нетрпение се очекуваше натпреварот – вели Ангеловски.
Единствена мана во успехот на фудбалерите е тоа што не можеа да му се израдуваат со фановите кои живеат за спортските успеси на македонските репрезентативци и екипи. Останува тага и гнев што Пандев, Џани, Елмас, Мрме, Столе, Енис, нема да поминат низ триумфалната капија во Скопје и на градскиот плоштад да го прослават остварувањето на сонот за кој сите ние чекавме речиси 30 години, од 13. октомври 1993 година и од голот на Зоран Бошковски Чоко, стрелецот на првиот гол за Македонија.
– Криво ми е што сме во ваква ситуација и ние како држава и целиот свет бидејќи ова навистина е едно зло кое го погоди човештвото и се надевам што побрзо ќе заврши. Но, еве доаѓаат знаци на оптимизам и тоа што не можевме да го прославиме пред два месеци, ќе го направиме во Букурешт каде што очекувам огромен број на наши навивачи со високо кренати знамиња да ја испеат македонската химна на едно вакво натпреваруње – порачува Ангеловски.
Момчињата кои внесоа радост во срцата на сите Македонци во овие тешки времиња кога секојдневно секој од нас губи по некој близок поради коронавирусот, веруваме дека ќе ни донесат нови радости идната 2021 годна, само ако продолжат да играат како што знаат и умеат и досега. Треба само да ја вежбаат акцијата од Тбилиси и матот во три потези и за Букурешт и Амстердам, и за славје ќе има време. Кога чекавме речиси 30 години, што се тогаш неколку месеци.