Западно-нилската треска во 80 отсто не дава симптоми, 20 отсто се со благи симптоми на грип, а помалку од еден процент може да биде зафатен централниот нервен систем, каде што може да даде енцифалит или менингит, тоа се обично симптомите. Од она што е во нашиот домен на работа, можам да кажам ние поседуваме тестови за детектирање, т.е. испитување, утврдување на Западно-нилска треска во моментов, изјави денеска д-р Марија Андоновска, директорка на Инстутот за јавно здравје (ИЈЗ), по објавената инфорамција дека 78-годишен жител на кочанското село Облешево починал од западно-нилска треска на Клиниката за инфективнви болести во Скопје.

ИЈЗ од почетокот на годината до сега има вкупно 30 тестирања за западно нилска треска, од кои што четири се потврдени случаи како позитивни, при што четвртиот случај завршил со смртен исход, информира денеска на прес-конференција Андоновска.

Првиот случај е тестиран во април и човекот е од Струмица импортиран од Кенија. Вториот случај е човек од Кочани импортиран од Тунис, во јули месец тестиран во ИЈЗ. Третиот случај е тестиран во август месец – човекот е од Тетово, и при епидемиолошката анкета не изјавува дека имал некакво патување. Четвртиот и последен случај е тестиран во ИЈЗ на 12 септември месец. Човекот е од Чешиново Облешево, бил хоспитализиран на Инфективната клиника и за жал истиот е починат.

При епидемиолошката анкета, истиот дал податок дека не патувал никаде, рече Андоновска.

На прашањето какви симптоми имал, имајќи предвид дека завршил со смртен исход, Андоновска кажа дека од нивната епидемиолошка анкета се забележува дека човекот изјавувал дека имал вознемиреност, губиток на свест, температура и малаксаност. Тој бил пензионер, живеел сам.

Кога дошло семејството, кажале дека го нашле паднат, така што не се знае колку време лежел дома. Осумдесет отсто од пациентите заразени со западно-нилска треска се асимптоматски, може некој и го прележал во текот на летото. Деветнаесет отсто имаат поблага клиничка форма со блага треска, со болка во мускули, изнемоштеност и може да помине така без да знаеме дека го имаме Еден посто од пациентите заразени, особено над 70 години може да развие невролоши манифестации, како што е конкретнтио случај со 78-годишниот пациент, изјави денеска директорот на Инфективната клиника, д-р Фадил Цана.

Цел свет знае дека нема специфична терапија, единствено што може да се превенира е преку програмите за дезинсекција кои се под надлежност на општините, додаде д-р Цана.

На прашање дали има опасност од ширење Цана рече дека не може да каже дека има или нема опасност од ширење, бидејќи резервоар на тоа се птиците, а се пренесува преку убод од комарец, но не значи дека секој комарец го пренесува вирусот.

Единствената мерка е да се спроведуваат програмите за дезинсекција, изјави д-р Цана.

ИЈЗ во својот извештај наведува дека се работи за 78-годишен маж, и првите симптоми му се појавиле на 9-ти овој месец, при што имал намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°C. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10-ти септември со возило од ИМП Кочани е пратен во КБ Штип каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје (КИБФС). Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители, се вели во Извештајот.

Пациентот бил пензионер, се занимавал со земјоделство, бил татко на две деца, вдовец, кој живеел во куќа во с. Облешево, Кочани. Според хетероанамнезата, пациентот не патувал надвор од државата, како и надвор од местото на живеење во периодот на инкубација. Нема други лица од семејството со слични симптоми, соопшти Институтот.

Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ во серум и ликвор, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.