Во Белград започна снимањето на продолжение на популарниот серијал ,,Жикина династија”, кој во времето на поранешна Југославија уриваше рекорди во гледаност.

Новиот филм ќе се вика ,,Враќање на Жикина династија”, а главната улога ќе ја игра Никола Којо, како Миша, внукот на Жика и Милан.

Според сценариото, во Србија доаѓаат неговите синови кои живеат во Москва со мајка им Наташа, а ги носат имињата на своите прадедовци – Жика и Милан.

Од старите ликови ќе се појават Весна Чипчиќ како Фрау Елза, Владимир Петровиќ како Боба, а како дебитант во филмот ќе се појави и манекенката Даниела Димитровска, која по потекло е од Македонија.

Како што раскажуваат за српските медиуми, продуцентите Огнен Ракичевиќ и Милан Тодоровиќ, плачеле од смеење за време на снимањето и имале одлична актерска екипа.

Во фокусот на филмот ќе бидат правнуците на Жика и Милан, а премиерата е најавена наредната есен.

Режисер е Милан Коњевиќ, а сценарист Милена Марковиќ.