Папата Франциск го поздрави процесот на помирување по војната во Источен Тимор како модел за други конфликтни региони, јави ДПА.

– Нека небото даде желбата за мир да надвладее и во други конфликтни ситуации во различни делови на светот, изјави папата.

Поранешната португалска колонија беше зафатена од насилство со децении, но сега се смета за многу стабилна, забележува ДПА.

Во главниот град Дили, папата Франциск се сретна со претседателот Жозе Рамос-Орта, кој во 1996 година ја доби Нобеловата награда за мир заедно со католичкиот епископ Карлос Фелипе Шименез Бело. Епископот веќе не се појавува јавно, откако беше обвинет за сексуална злоупотреба на малолетници.

Во својот говор пред властите и граѓанското општество во Источен Тимор, папата Франциск повика на активности за спречување на насилството врз деца и тинејџери и за обезбедување на мирно детство на младите, пренесува АНСА. „Да не заборавиме многу деца и тинејџери чие достоинство било нарушено“, истакна папата, потсетувајќи индиректно на регистрираните случаи на сексуална злоупотреба на деца од страна на членовите на свештенството.

„Сите ние сме повикани да дејствуваме одговорно за да спречиме каков било вид злоупотреба и да обезбедиме мирно детство за нашите млади“, истакнапоглаварот на Римокатоличката црква.

Тој забележа дека 65 отсто од населението на земјата е на возраст под 30 години, и изјави дека „ова е богатство“.

„Оваа бројка ни кажува дека првиот сектор во кој треба да се инвестира е образованието – во семејството и во училиштето – образование кое ги става децата и младите во центарот и го промовира нивното достоинство“, рече тој.

Источен Тимор е една од ретките земји во Југоисточна Азија со претежно христијанско население. Речиси целото население од 1,3 милиони ја исповеда католичката вера. Се очекува на утрешната папска литургија да присуствуваат повеќе од половина од населението на Источен Тимор.

Земјата е претпоследната станица од 12-дневната турнеја на папата низ регионот, најдолгата откако го зазеде папскиот престол. В среда 87-годишниот папа ќе го посети Сингапур, а в петок се враќа во Рим.