Авганистанската амбасада во Лондон денеска потврди дека ќе се затвори на 27 септември, по официјално барање од британската влада, се вели во соопштението на авганистанската мисија објавено на X.

Најавата доаѓа веднаш откако талибанското Министерство за надворешни работи соопшти дека повеќе нема да ги признава конзуларните документи издадени од авганистанските дипломатски претставништва во неколку западни земји, вклучително и Велика Британија.

Талибанците ги обвинија овие амбасади дека работат независно и дека не ги следат директивите од Кабул, пренесе ДПА.

Сепак, талибанците направија исклучоци за авганистанските дипломатски мисии во Бугарија, Чешка, Германија, Холандија и Шпанија, наведувајќи го нивниот ангажман со владата во Кабул.

Откако талибанците ја вратија контролата врз Авганистан во август 2021 година, многу авганистански амбасади или беа предадени на талибанска контрола или почнаа да ги следат наредбите од Кабул.

И покрај тоа, амбасадите во неколку западни земји продолжија да работат независно, нудејќи конзуларни услуги за авганистанските граѓани.

Авганистанската влада беше критикувана од меѓународната заедница поради рестриктивните политики на Талибанците, како што е негирањето на пристапот на девојките и жените до средно и високо образование.

Како резултат на тоа, ниту една земја досега не ги признала талибанските власти.