Општина Струмица ги подготвува улиците во градот и селата за јавниот автобуски електричен превоз, кој според најавите треба да почне со пробно и бесплатно возење на 11 септември.

Според информацијата од градоначалникот Костадин Костадинов објавена на неговиот фејсбук профил, денеска втор слој асфалт се става на улицата „Чедо Филиповски Даме“ на површина од 700 квадратни метри, а во вредност од над еден милион денари од општинскиот буџет.

-Следно е селото Просениково со две улици во вкупна површина од над 2 илјади квадратни метри за кои одвоивме над 2 милиона денари, напиша струмичкиот градоначалник.

Инаку, неодамна Општина Струмица ги доби десетте целосно електрични автобуси, кои деновиве пристигнаа во Струмица и се подготвуваат за официјален почеток на градскиот превоз.