Американските демократи официјално потврдија дека Камала Харис е нивниот кандидат за претседателските избори на 5 ноември за време на националната конвенција на партијата синоќа во Чикаго.
Делегации од сите американски држави и територии повторно го дадоа својот глас за Харис во чисто церемонијално гласање придружено со музика, светлосни ефекти, кратки говори и многу овации во салата за настани. Харис веќе официјално ја доби поддршката од повеќе од 4.500 партиски делегати за да стане демократски претседателски кандидат за време на гласање преку интернет претходно овој месец
Таа синоќа беше во Милвоки на настан кој е дел од нејзината изборна кампања. Таа се приклучи на церемонијата за номинација во Чикаго онлајн за да каже дека таа и Валц биле почестени што биле номинирани од партијата.
Харис им вети на Американците „иднина на слобода, можности, оптимизам и надеж“ додека се приклучи на партиската конвенција буквално од предизборниот митинг во Милвоки.
Делегатите во Чикаго кренаа плакати „СЛОБОДА“, исти како оние што ги држеа нејзините поддржувачи на митингот во Висконсин, пренесе МИА.