Американското Министерство за правда иницираше процес на конфискација на повеќе од 200 милиони долари од поранешниот украински премиер Павло Лазаренко, кои треба да и припаднат на Украина, а неговата имплементација е при крај.
Директорката на Меѓународниот оддел за перење пари и наплата на средства при Министерството за правда, Мери Батлер, објави дека процесот се уште е во тек, но дека е направен уште еден чекор кон добивање конечна наредба за конфискација на средствата, пренесе Гласот на Америка.
Лазаренко беше премиер на Украина од мај 1996 до јули 1997 година. Украинската Врховна Рада во 1999 година одлучи да му го одземе пратеничкиот имунитет, пренесува украинската агенција Униан. Тој ја напушти земјата една недела претходно.
Лазаренко истата година беше уапсен во САД, а во тоа време се бараше и во Швајцарија, потсетува агенцијата. Конечната пресуда американскиот суд ја донесе во 2009 година. Поранешниот премиер беше прогласен за виновен за перење 22,85 милиони долари и осуден на осум години затвор. Лазаренко беше ослободен во 2012 година.
Според податоците на ОН и Светска банка додека бил на премиерската позиција украл околу 200 милиони долари. Според украинските податоци, Лазаренко незаконски префрлил повеќе од 320 милиони долари во САД. Во јануари 2017 година, беше објавено дека 30 милиони долари од неговите пари биле пронајдени на сметка во летонска банка. Во 2018 година, Лазаренко и американските судски службеници започнаа чекори кон постигнување договор за „помирување“ за конфискација на средствата на поранешниот премиер, според Униан.