Возбуда, опклади, прогнози и озборувања – вака изворите на ЦИВИЛ МЕДИА ја опишуваат атмосферата во Вашингтон денеска, додека се очекува одлуката на потпретседателката Камала Харис за тоа кој ќе биде кандидат за потпретседател во нејзината изборна трка.
Харис се затвори во нејзината резиденција во Поморската опсерваторија во понеделникот за да го финализира изборот на нејзиниот потпретседател, можеби најголемата одлука во нејзината нова кампања, објави Вашингтон пост вечерва. Според Си-би-ес њуз, Харис се очекува да го објави името на кандидатот за потпретседател во вторник наутро. Дали во меѓувреме ќе „протече“ името на кандидатот, останува да се види.
Додека стратезите во двете партии, како и американската и светската јавност го очекуваат изборот на потпретседателски кандидат, портпаролот на кампањата на Харис, Кевин Муњоз, нешто пред 16:30 часот по локално време (22:30 по средноевропско време), изјави дека Харис сè уште не ја донела својата одлука.
Харис се сретна во неделата во Вашингтон со тројцата финалисти: гувернерот Џош Шапиро од Пенсилванија, сенаторот Марк Кели од Аризона и гувернерот Тим Волц од Минесота.
Соопштението на името на кандидатот за потпретседател се очекува да вклучи неколку онлајн компоненти, вклучително и видео.
Веднаш потоа Харис и нејзиниот потпретседателски кандидат планираат да почнат турнеја во повеќе држави, почнувајќи со митинг во Филаделфија, веќе во вторник навечер.
Подготви: Џ. Д.