Лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, која не беше видена во јавноста од вторникот, синоќа им се придружи на своите поддржувачи на протестот во Каракас против спорните изборни резултати, додека илјадници луѓе протестираа низ оваа јужноамериканска земја.
– Како што ни требаше долго време за да ја постигнеме изборната победа, сега доаѓа фазата кога одиме ден за ден, но никогаш не сме биле посилни како денеска, никогаш, изјави Мачадо пред приврзаниците во Каракас и додаде дека „нема да ги напуштиме улиците“.
Изборниот совет на Венецуела, за кој критичарите велат дека ги фаворизира владејачките социјалисти, го прогласи Мадуро, кој е на власт од 2013 година, за победник на изборите на 28 јули со 51 отсто од гласовите. Неговиот противкандидат од опозицијата, Едмунд Гонзалес, освои, според Советот, 46 отсто од гласовите.
Објавените изборни резултати потикнаа бран обвинувања за измами и протести.
Безбедносните сили последователно ги разбија протестите за кои владата на Мадуро рече дека се дел од обидот за државен удар поддржан од САД.
Кандидатот на опозицијата Гонзалес, кој ја замени Мачадо на изборите откако властите ја прогласија за неподобна, не се појави на протестот, пренесуваат француските медиуми.
Мадуро продолжи да им се заканува на Мачадо и Гонзалес со затвор, сметајќи ги за „одговорни“ за смртните случаи за време на немирите во понеделникот.
Опозициските поддржувачи беа среќни што ја видоа Мачадо на улиците, откако лидерката во текст за весникот „Волстрит џурнал“ во четвртокот рече дека се крие и се плаши за својот живот.
Според Хјуман рајтс воч досега во постизборните протести се убиени најмалку 20 лица, а според владини податоци, во врска со протестите се уапсени околу 1.200 лица.
Некои земји, вклучувајќи ги САД и Аргентина, веќе го признаа Гонзалес за победник на изборите. Костарика, Еквадор, Панама и Уругвај исто така во петокот заклучија дека Гонзалес добил најмногу гласови. Други, вклучувајќи ги Русија, Кина и Куба, му честитаа на Мадуро.