Идејата на владината коалиција ВРЕДИ за формирање на Академијата на Албанците за наука и уметност беше критикувана и од албанскиот опозициски Европски фронт и од главниот партнер во власта ВМРО-ДПМНЕ. Но, и покрај отпорот од ВМРО ДПМНЕ, ВРЕДИ не го критикува директно владејачкиот партнер, туку ја обвинува ДУИ, јавува ТВ21.
„На тие кои академијата на Албанците ја нарекуваат „квази-академија“ им велиме: ставете ја главата во дупка и не излегувајте во наредните 20 години, бидејќи го уништивте албанското образование и култура. ДУИ со спротивставувањето на оваа иницијатива уште еднаш докажува дека е на иста линија со ВМРО-ДПМНЕ кога се во прашање албанските национални проекти“, истакна Фари Хисени.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски и денеска го повтори својот став дека не се согласува со формирање ваква академија како што мислат владејачките партнери од ВРЕДИ.
Освен тоа, двајцата партнери во власта сега отворија ново прашање, дали постојат повеќе од две академии во други држави или не?!
Коалицијата ВРЕДИ тврди дека Академијата на Албанците за наука и уметност во Северна Македонија не треба да се гледа како паралела на Македонската академија на науките и уметностите. Напротив, како што рече Хисени, ВРЕДИ на оваа иницијатива гледа можност за соработка и синергија меѓу двете академии. ВРЕДИ повикува да се поддржи оваа иницијатива, која ја нарекуваат благородна.























