Очекувањата од новата година која е пред прагот ни ги разгорува желбите за подобро утре. Веруваме дека новата година ќе биде поубава од годината која изминува и ќе ни ја исполни на сите нам најголемата желба.
Токму затоа составивме листа со омилени јавни личности, ги контактиравме и им поставивме неколку навидум многу едноставни прашања. Но, одговорите беа тотално различни, искрени и полни со нова надеж.
Денес се дружиме со Драган Спасов – Дац, актер кој има остварено бројни и значајни улоги во театарски претстави, филмски и телевизиски проекти. Во неговото семејство се ниже веќе третата генерација актери од неговиот татко Стево Спасовски, преку него и денес неговите синови. Се надеваме дека оваа низа ќе продолжи.
Оваа тешка година, благодарение на хитовите кои ги создаваат Дац и Александар Митевски ја поминавме полесно бидејќи ни дозволија да танцуваме барем во нашите домови во ова корона- време.
Прекарот Дац потекнува од негова соученичка од основно училиште и од тогаш останале да го користат неговите пријатели, познаници, па дури и јавноста го знае повеќе како Дац отколу како Драган.
Драган ни одговори на нашите две кратки прашања, а следеа овие одговори:
Го прашавме што ја одбележа неговата 2020 година на личен план?
– 2020 ќе ја паметам највеќе по проширувањето на нашето семејство. На почетокот на октомври во нашиот дом пристигна Танго, кутре од расата „бигл“. Ќе ја паметам и по многуте песни испеани со Александар во карантинскиот период. И ќе ја паметам по љубовта и разбирањето во нашиот дом кога тоа беше најнеопходно и најпотребно! Сѐ друго сакам да заборавам!
А што очекува Дац од новата година?
– Во 2021 сакам да не се потсетувам на ништо што сакам да заборавам од 2020 година. Посакувам здравје, љубов, среќа и пари. Другото не е важно!
За новата година ги имаме истите искрени желби како Дац, а веруваме и повеќето од вас.