Со дефиле на учесниците низ гостиварското село Чегране и ревијален настап, синоќа беше означен почетокот на четвртото издание на меѓународниот фолклорен фестивал „Рудина фест“. Годинава на четири локации низ Полог ќе бидат претставени дел од фолклорните традиции на: Албанија, Бугарија, Италија, Косово, Колумбија, Македонија, Турција, Панама.
Организаторите на фестивалот и домаќини, КУД „Јахи Хасани“ од Чегране за оваа година предвидоа фестивалот да го видат повеќе граѓани.
– Традиционално со ревијален настап, фестивалот се отвора во Чегране. Годинава, една вечер ќе имаме и во соседното Тетово. Таму, вечерва фолклорните групи ќе ги изведат нивните точки, а утре и задутре програмата ќе биде претставена и пред гостиварската публика, рече Зани Мехмеди претседател на КУД „Јахи Хасани“ и директор на фестивалот.
Првиот човек на општина Гостивар во обраќањето до публиката и учесниците напомена дека овој настан го става Гостивар на меѓународната мапа на фестивали, на кој покрај домашните настапуваат и реномирани ансамбли од други држави.
– Продолжуваме да бидеме посветени главните културни активности и поддржуваме настани кои ја подобруваат културната понуда во општината и го прават попријатен престојот на нашите иселеници во татковината, рече в.д градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.
Фестивалот што започна синоќа, ќе трае до 23 јули за кога е предвидено доделување на признанијата на најуспешните и затворањето на овогодишното издание. Манифестацијата е финансиски поддржана од Министерството за култура и општина Гостивар.
Името на фестивалот е поврзано со месноста во подножјето на планината Сува Гора. На ова место во 1990 година е одржана правата средба и формирано Движењето за национално помирување за крвна одмазда, во кое членуваат помирувачи, кои освен во Македонија делуваат и во Косово и Албанија.
Во поновата историја оваа локација, која е близу до едно од најнаселените села во Македонија е позната и како место за првиот бегалски камп за време на „косовската криза“ во 1999 година. згм/цр
Фото: МИА