Признавањето на палестинската држава како дел од мировниот процес на Блискиот Исток е „неспорно право“, му порача новиот британски премиер Кир Стармер на палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Лидерот на лабуристите, кој убедливо победи на изборите во Велика Британија, разговараше со Абас за „страдањето и трагичната загуба на животи што продолжува“ во Појасот Газа.
Стармер разговараше и со израелскиот колега Бенјамин Нетанјаху, нагласувајќи ја „јасната и итна“ потреба за прекин на огнот и враќање на заложниците киднапирани од палестинската милитантна група Хамас во терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври.
Британскиот премиер рече дека е важно да се обезбедат долгорочни услови за решение со две држави, кое, според него, вклучува и обезбедување средства за палестинската управа да има финансиски ресурси со цел ефективно да работи, јави „Тајмс оф Израел“.
Двајцата премиери разговарале и за „регионалната безбедност на Блискиот Исток“.
Во изборниот манифест лабуристите ветија дека ќе ја признаат палестинската државност како дел од процесот што треба да резултира со решение со две држави, јави МИА.