За скопската Клиника за онкологија се работи на изнаоѓање среднорочно и долгорочно решение, рече министерот за здравство Арбен Таравари при посета на Клиничката болница во Тетово за да ја увиди состојбата по невремето.
– Зборувам за дигитализација, можеби и за кодирање на сите лекови коишто ќе доаѓаат во Македонија. Меѓутоа дајте ми време да се консултирам и со ИТ инженери и со луѓе коишто се разбираат, ова има во држави каде што добрата дигитализација направила револуција и огромни заштеди во здравството. Ние се повикуваме нонстоп на борба против корупција и криминалот. Ќе инсистирам што поскоро да започнеме во Македонија да дигитализираме. Јавна тајна е дека некои луѓе ги земаат лековите со упат од матичен доктор ги носат во приватните аптеки и ги продаваат. Онкологија е еден пример што го фатиме, онкологија има можеби и во повеќе болници и клиники. Меѓутоа не сакам да имам предрасуди, сакам да поставиме стандарди за да спречуваме секаква злоупотреба. Ако еднаш пациентот се снимал со магнетна не смее по втор пат за шест месеци повторно да се направи, освен во одредени случаи кај што е неопходно – рече Таравари.
При невремето во неделата, дел од подрумските простории на тетовската болницата во Ургентниот центар биле поплавени, но немало оштетувања на поскапите апарати.
Таравари најави дека се размислува за уште поголема дигитализација во здравството со цел да се избегнат манипулации со препишувањето лекови и користењето медицински услуги за да не се повторуваат ситуации како со Клиниката за онкологија.
– Јас мислам дека една од нашите цели програмски цели е децентрализација, односно регионализација на здравството. Планираме четири клинички центри да функционираат во државата, еден од нив можеби и најбитна е тетовската клиничка болница. Јас добивам информации дека овде релативно добро е опремена со апарати, меѓутоа недостасуваат човечки ресурси. Тие што се со договор, а имаме информации дека има огромен број на луѓе, вработени медицински работници коишто се со договор што поскоро треба да им се дадат решенија и да се вработат дополнително и да се планира долгорочно тие специјализации коишто се дефицитарни да ги планираме и како министерство и како медицински факултет заедно за да во следните години не се случува одредени одделенија да не функционира – рече Таравари.
На новинарски прашања за состојбите со одредени клиники во скопскиот клинички центар, Таравари рече дека денес д-р Игор Стојковски е назначен за директор на Клиниката за Онкологија.
– За економскиот директор на Токсикологија, комисијата за ревизија беше таму и наскоро ќе би дадам официјален извештај за да не шпекулирам. Покрај ова, за директорката на Кардиохирургија од заменик министерката добив информација дека добила допис од ДКСК дека треба да ја врати и добро постапила. Меѓутоа ќе видиме дали има други неправилности во работењето. Ако има, веднаш ќе постапиме и повторно ќе го смениме без никаков проблем. Начелно мислам дека заменик министерката за здравство добро постапила – рече Таравари.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.