Програмата на Владата и концептите на партиите кои се дел од мнозинството се различни од ветувањата коишто беа дадени пред граѓаните, а прашањата кои беа отворени во минатото на манипулативен начин и се наметнуваа во јавноста ги нема воопшто, рече пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група Оливер Спасовски денеска во македонското Собрание во расправата за избор на Влада.
-Првиот основен приоритет, нашето членство во Европската унија во програмата е со сосема различен концепт од оној што го застапуваше како опозиција во изминатите 8 години и во времето на предизборието, како што е почитувањето на Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка. Факт е дека нема ниту збор за укинување на Преспанскиот договор, ниту збор за укинување на Договорот со Бугарија и факт е дека нема план за тоа како ќе ја промените преговарачката рамка за којашто зборувавте со години наназад дека нема да ја прифатите, рече Спасовски.