Трипати поголема стапка на данок на имот нема да се пресметува на недвижностите кои сопственикот не ги користи туку само ги издава под кирија. Ова е предвидено со предложените измени на Законот за даноци на имот кои влегоа во Собранието, а се планира да почнат да се применуваат од 1 јануари 2022 година.

-Стапките  на данокот на имот за другиот недвижен имот, кој е во сопственост на државата или на општините, општините во градот Скопје и на Градот Скопје, како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во ставот (1) на овој член, наведено е во законските измени.

Како што и претходно беше најавено, трипати повисок данок е предвиден и за земјоделското земјиште што не се користи, а казната за непријавена недвижност е наплата на данок со петпати повисока стапка од редовната.

Досега необјавена новина е тоа што се предвидува нова процена на вредноста на имотот да се врши на секои четири години.

– Се предлага ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот (репроценка) која претставува даночна основа на данокот на имот од страна на општините, општините на град Скопје и Градот Скопје да се врши на секои четири години од причина што може оперативно, односно на терен да има промена на фактичката состојба, а за која проценителите и општинската администрација не е запознаена и со тоа приходите во Буџетот на единиците на локалната самоуправа може во тековната година да бидат многу пониски од предвидените, стои во законот кој влезе во Собрание.

Како што неодамна, во неколку наврати појасни заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, клучна цел за носење на измените на Законот за даноци на имот е недвижностите да се стават во функција, а зголемувањето на приходите од овие даноци е на второ место.

Со предложените измени не се чепка во даночните стапки. Нив ги пропишуваат општините, а тие се движат од 1,10 проценти до 0,20 проценти. И сега е предвиден повисок данок за станот во кој сопственикот не живее. Стапката за оданочување на таквата недвижности е за 50 проценти повисока од регуларната.

Кога се становите во прашање, според податоците од Агенцијата за недвижности, нив во државата ги има околу 1.100.000, а во отсуство на попис, според некои проценки бројот на семејствата е повеќе од двојно помал.

(С.В.)