Марјан Танушевски, досегашен новинар на МИА, ја презеде функцијата како прв избран директор на македонскиот Културно информативен центар во Белград, Република Србија.
Успешна работа и прием во македонската Aмбасада во Белград, на Танушевски му посака амбасадорот Никола Тупанчески со што во пракса почна да се реализира Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за отворање на културно-информативни центри во Белград и Скопје.
Културно-информативните центри може да даваат информативни услуги, да гo претставуваат современото творештво и културното наследство во секоја област на културата и уметноста, да организираат изложби од доменот на ликовната и применетата уметност, фотографии, цртежи, слики и скулптури, како и други оригинални уметнички дела.
– Согласно Спогодбата за соработка меѓу двете држави, македонскиот Културно-информативен центар во иднина ќе биде организатор и коорганизатор на книжевни, научни и други тематски трибини, предавања, музички и помали сценски настапи, како и други програмски претставувања од областа на културата, најавува Танушевски.
Според министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, отворањето на македонскиот КИЦ во Белград уште повеќе ќе ја засили културната соработка со Србија.