По осум неуспешни обиди, Уставниот суд конечно избра наследник на Кацарска. Како што информираат од судот, денеска судијата Дарко Костадиновски е избран за нов претседател на Уставниот суд, односно го добил потребното двотретинско мнозинство.
Мандатот на Кацарска истече на 2-ри јуни, а претходната недела и вчера имаше вкупно 8 обиди за избор на нов претседател. Во трка беа Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева, но Данева вчера се повлече. Според одредени медиуми имало обид и судијата Осман Кадриу да биде избран за претседател на судот, но не го добил потребното двотретинско мнозинство.
Инају, Уставниот суд избира претседател на Уставниот суд од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање. Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.
Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.