Европската комисија денеска условно одобри спојување на италијанско-американскиот автомобилски гигант „Фијат Крајслер“ во вредност од 38 милијарди американски долари и француската ПСА, матичната компанија на „Пежо“, „Ситроен“ и „Опел“.
„Можеме да го одобриме спојувањето на „Фијат Крајслер“ и „Пежо СА“, бидејќи нивните обврски ќе го олеснат пристапот на пазарот на малите комерцијални комбиња и нивното проширување“, изјави преку соопштение заменик-претседателката на Европската комисија, Маргрет Вестагер.
Овој пристап е важен за самовработените и малите и средните претпријатија низ цела Европа, нагласи Вестагер.
Француската компанија со тоа ќе го продолжи договорот со „Тојота“ во овој сегмент, ќе го зголеми нејзиниот капацитет и ќе ги намали цените на трансферот на возила, резервни делови и опрема.
„Фијат Крајслер“ и „Пежо СА“ исто така ќе им овозможат на конкурентите пристап до мрежата за поправка и одржување за да им помогнат на новите компании да се прошират на пазарот.
Спојувањето се очекува да заврши во првите месеци од 2021 година, создавајќи ја четвртата по големина автомобилска групација во светот, по „Фолксваген“, „Рено-Нисан-Мицубиши“ и „Тојота“.