Застапеноста на жените на раководни позиции и нивните економско зајакнување, финансиска независност и рамноправност ќе бидат главни теми на заседанието на Совет за труд, социјална политика, здравство и прашања на потрошувачите на ниво на министри одговорни за родова еднаквост.
Според дневниот ред на состанокот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, министрите ќе дебатираат за положбата на жените во јавниот живот, со посебен фокус на начините на подобрување на нивната застапеноста на раководни позиции и на места на кои се носат одлуки.
Советот ќе ги разгледува и доколку се постигне консензус би можел и да ги одобри заклучоците за економското зајакнување и финансиската независност на жените, како начин за обезбедување на суштинска родова еднаквост. Со заклучоците се предлага воведување мерки за надминување на половиот јаз во висината на платите, за поддршка на жртвите на родово базирано насилство и за подобрување на достапноста до податоците за финансиската независност на жените.
Предвидено е министрите да расправаат и за Предлог-директива за еднаков третман, која има за цел да го воспостави принципот на еднаков третман меѓу луѓето без разлика на нивната верска припадност или убедување, попреченост, возраст или сексуална ориентација.
Меѓу останатите точки на дневниот ред на Советот се и пристапувањето на ЕУ кон Истанбулската конвенција, состојбата со насилството врз жените и настани организирани од белгиското претседателство со Унијата посветена и прашања поврзани со еднаквоста.