Иран ќе одговори на какви било активности против неговите интереси, рече претседателот Ебрахим Раиси, еден ден откако Израел предупреди дека ќе одговори на нападот извршен од Техеран минатиот викенд со беспилотни летала и проектили, пренесува МИА.
„Категорично изјавуваме дека и најмалата акција против иранските интереси сигурно ќе наиде на сериозен, широк и болен одговор за секој сторител“, му соопштил Раиси на емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани.
Началникот на израелската армија Херзи Халеви вчера изјави дека иранскиот напад врз Израел, како одмазда за бомбардирањето на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, бара одговор.
Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Али Багери Кани изјави на државната телевизија доцна синоќа дека контраофанзивата на Техеран, по каков било израелски одговор, ќе дојде „во рок од неколку секунди, имајќи предвид дека Иран нема да чека 12 дена за да реагира“.