Постои интерес за факторингот и добавувачкиот факторинг како алтернативни финансиски инструменти, но се уште има многу простор за едукација, е генералниот заклучок од истражувањето спроведено во рамки на тригодишниот проект за факторинг 2017 – 2020, спроведен од „PrimePoint Partners“, со поддршка на УСАИД.
На денешната презентација на резултатите од истражувањето беше посочено дека околу 80 проценти од компаниите сакаат да дознаат повеќе за овој финансиски инструмент. Голем дел од компаниите знаат за овие инструменти, но сепак постои дупка во начинот на имплементација.
– Најголем дел од компаниите се свесни дека овој тип на инструменти се ниско ризични споредено со други типови на финансирање, што укажува на потенцијалот за примена на овие инструменти. Но, цената се јавува како фактор бидејќи споредено со друг тип на инструмент, овие инструенти се релативно поскапи, истакна Ивана Станковиќ, финансиски аналитичар од PrimePoint Partners.
Како главни причини зошто не се користи факторингот и добавувачкиот факторинг, компаниите ги посочиле недоволната информираност за овие инструменти и немањето информации кој ги нуди. Истражувањето покажало и дека ниту една од банките во своето портфолио го нема добавувачкиот факторинг.
Проектот е во последниот месец на имплементација, а неговата главна цел е да се зголеми свеста за овие алтернативни финансиски инструменти посебно кај малите и средните претпријатија. Од УСАИД се задоволни со неговата имплементација бидејќи, како што беше посочено на денешната презентација, за разлика од 2017 година кога вкупното потрфолио на факторинг во земјава бил околу седум милиони евра и го нуделе само две финансиски институции, сега вкупното портфолио изнесува околу 30 милиони евра, а бројот на финансиски институции кои го нудат е триплиран.
Факторингот претставува финансиска активност со која една фирма ги продава своите побарувања од купувачите на финансиски посредник, односно банка или финансиско друштво по намалена (дисконтирана) вредност, а потоа факторот (банката) ги наплатува побарувањата од должниците.