Министерството за здравство соопшти дека министерот за здравство Илир Демири, согласно препораките на Комисијата за заразни болести од состанокот одржан на 14.03.2024 година, донесе одлука со која се дозволува прием и престој во детски градинки на територијата на Република Македонија, на деца кои по Catch-up календар ја комплетирале примовакцинацијата (три дози ДиТеПер вакцина), со задолжително примање на првата ревакцина 6 месеци по примањето на последната (трета) доза од примовакциналната серија.
Одлуката денеска стапува на сила, а од понеделник ќе се применува.
Исто така, информираме дека ДиТеПер вакцините за возрасни се стигнати и граѓаните можат да се вакцинираат во вакциналните пунктови. Вакцините се безбедни и претставуваат најголемо достигнување на здравствениот систем. Апелираме до сите граѓани, особено до родителите на децата во предучилишна возраст да ги вакцинираат своите деца затоа што главен приоритет е нивната здравствена заштита, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Вакциналните пунктови за имунизација работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имуницираат своите деца.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.