Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи седница во 12 часот, а според она што вчера го најави министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири ќе биде појасно дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер, важи за оние кои не се вакцинирани или и за оние кои не ја примиле ревакцината.
Од понеделникот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) почна со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се имунизирани со вакцината ДТП откако Министерството за здравство ги прифати препораките од последната седница на Комисијата за заразни болести.
Директорката на ДСЗИ Рената Младеновска во понеделникот информираше дека скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, а во внатрешноста над 95 отсто се вакцинирани.
Фактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно е поразувачки, оцени Младеновска.