Вечерва на полноќ завршува трката по потписи од граѓаните за претседателската кандидатура. Од вкупно 15 кандидати, само седум од нив успеале да ги соберат потребните потписи. Иако остануваат уште неколку часа до крајниот рок, сепак тешко е да се верува дека некој од нив ќе успее да стигне до бројката од 10.000 потписи.
Уште од пред неколку дена потребен број на потписи успеаја да соберат Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ, Гордана Силјановска-Давкова кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари кандидат на ВРЕДИ, здружената албанска опозиција, Максим Димитриевски кандидат на ЗНАМ, Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски, градоначалник и претседател на ГРОМ.
Заклучно со синоќа до 20 часот, Мерсиха Смаиловиќ како кандидатка на Бошњачкиот демократски сојуз успеа да собере 2778 потписи, а независниот кандидат, доктор Вело Марковски 1635. Мал и незначителен број потписи имаат Ѓорѓи Манасков, Господин Поповски, Зорица Цветковска, Гоце Ристов, Драган Николовски. Кандидатот Томе Николовски не успеа да собере ниту еден потпис. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24-ти април.