Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посетил најелитната специјална единица во рамки на Министерството за внатрешни работи – Специјална антитерористичка единица „Тигар“, која ги извршува најсложените и најтешки полициски задачи во поглед на справување со организирани и терористички криминални групи, соопштија од МВР.

Во кругот на единицата Тошковкси ја посетил и спомен собата во која се изложени разни експонати, фотографии, награди и други предмети кои ја отсликуваат богатата историја на единицата, а посебен дел е посветен и на оние припадници на единицата кои го дале својот живот при извршување на работните задачи, бранејќи го територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

-Исто така, министерот Тошковски одржа состанок со раководството на кој беше запознаен со нивното професионално портфолио и беше заклучено дека ова е Единица со која сите треба да се гордееме и во иднина уште повеќе да се инвестира во нејзин раст и развој, како од кадровски така и од материјално-технички аспект, се наведува во соопштението од МВР.