Градските власти на престолнините во регионот не се откажаа од украсување на централните плоштади и околните главни улици, но најавите за организиран дочек на Нова година овојпат изостана. Причината е повеќе од јасна. Не, парите не се, ниту поривот да се штеди. „Партибрејкер“ во случајот е ковид-19 кој го тероризира светот во изминатите десет месеци и ја опустоши светската економија за која се верува дека само вакцината во најава е спас.

По првиот бран во првата половина од годината, следуваше и втор во полугодието што полека го минуваме кој нималку не е постерилен. Голем број на држави бележат рекордни бројки на заболени на дневно ниво, пациенти во тешка состојба и на респиратори и, за жал, смртни случаи. Оттука и строгите рестиктивни мерки што се вратија на сила во дел од земјите во насока на спречување на ширењето на инфекцијата.

Фото: EPA-EFE/GLENN HUNT AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Грција е една од земјите која ќе влезе во 2021 година под карантин, од утре „под клуч“ ќе биде и Германија, како и Холандија и Чешка. Речиси сите останати се решија за „потврди“ или „помеки“ протоколи во месецот на празници, како на пример т.н. „полициски час“, па затоа и немањето на амбиент и желба за прослава на отворено, а поради економската неизвеност и во затворено, освен во домашна атмосфера и во кругот на најблиските, за што, исто така, се воведени ограничувања.

Во листата на причини, секако, и стравот од „закачување“ на заразата, особено кај лицата кои го прележаа вирусот или нивни близок ја доби битката со ковид-19. Да не говориме за оние кои загубија роднина, пријател, другар, колега, сосед или брачен сопатник во пандемијата.

Македонија би можела на идентичен начин, како Грција, Германија, Холандија и Чешка, да го мине новогодишниот праг. Комисијата за заразни болести предложи работното време на угостителските објекти во празничниот период да биде до 18 часот за што треба да се произнесе Владата на денешната седница.

Кон: Нереално е дека ќе се дочекува Нова година како ништо да не се случува

Српскиот епидемиолог Преград Кон, кој е член и на националниот Кризен штаб за борба против ковид-19, претпладнево истакна дека е нереално да се дочека Нова година како ништо да не се случува. Во спротивно, вели тој, ефектите во болниците и ковид-центрите ќе се почувствуваат за десетина дена.

Говорејќи за мерките за Нова година и за Божик, Кон нагласи дека сèуште нема одлука, како и дека не може да каже дали ќе има „полициски час“.

Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

– Она што можам да кажам е нереално да се дочекува Нова година како ништо да не се случува, истакна Кон.

Италијанскиот премиер Конте најави нови ограничувања за време на празниците

Нови ограничувања ќе мора да воведе италијанската Влада за време на празничната сезона во обид да спречи ширење на ковид-19, нагласи премиерот Џузепе Конте.

Во интервју за „Ла Стампа“, тој рече дека владата, по секоја цена, мора да спречи трет бран на пандемијата, што би бил поразителен.

Фото: EPA-EFE/ANGELO CARCONI

Италијанската Влада разгледува опции да воведе построги мерки против ковид-19 на територијата на целата земја за време на Божикните и новогодишните празници, откако маса луѓе пристигнаа во градовите овој викенд, додека Рим ублажи дел од ограничувања што беа воведени во минатиот месец.

Фото: EPA-EFE/TINO ROMANO

Италија е европска земја со најголем број на смртни случаи од ковид-19. Досега пријави над 65.000 починати лица од почетокот на пандемијата во февруари.

Холандија „се затвора“ на пет недели, премиерот Руте ИСВИРКАН

Холандскиот премиер Марк Руте објави низа нови, строги, мерки во борбата против коронавирусот, меѓу кои и „затворање“ на земјата во наредните пет недели за што беше исвиркан од демонстранти.

– Холандија се затвора на пет недели, порача Руте во ТВ говорот од владиното седиште во Ден Хаг, пред кое се насобраа демонстранти.

Фото: EPA-EFE/BART MAAT

Извиците и свирежите, според холандските медиуми, се слушнаа и во внатрешноста на објектот на што Руте одговори дека „не станува збор за обичен грип како што мислат насобраните луѓе надвор“.

Од денеска ќе бидат затворени сите продавници во земјата, освен оние за прехранбени производи и аптеките, а од утре се прекинува и наставата со физичко присуство во училиштата.

Фото: EPA-EFE/SEM VAN DER WAL

Руте им порача на Холанѓаните да не излегуваат од домовите и да примаат најмногу по две лица дневно. Заострувањето на мерките во Холандија се поклопува со најавите од соседна Германија за делумен карантин од утре.

Хотелите и приватните капацитети во Бугарија прават резервации

Бугарските угостители изразуваат незадоволство од најавата на министерот за здравство, Костадин Ангелов дека ќе нема олабавување на мерките по 21 декември.

– Пред три недели, кога беа објавени новите рестриктивни мерки, министерот за економија, Лачезар Борисов јавно вети дека бизнисот повторно ќе заработи, макар и под строги хигиенски и епидемиолошки мерки во наредните три недели, пишува во поисмото на БХРА до премиерот Бојко Борисов и до вицепремиерката и министерка за туризам, Маријана Николова.

Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Хотелите и приватните капацитети за гости веќе прават резервации за претстојните празници, нагласуваат бугарските угостители.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Во тешката година што изминува, поради ограничувачките мерки во борбата против пандемијата, претстојните двонеделни празници се единствена шанса за заздравување на угостителскиот сектор и за задржување на персоналот. Ако капацитетите на хотелите не бидат отворени сега и изостане финансиската поддршка од државата, илјадници луѓе во 2021 година ќе бидат во ред пред бирото за труд, се наведува во дело до писмото на БХРА до државниот врв на Бугарија.

Угостителите оптимисти дека „ќе одработат нешто“ за „најлудата ноќ“

За разлика од градските и државни власти, угостителите не губат оптимизам, па добар дел меѓу нив сметаат дека „ќе одработат нешто“ и „ќе заработат некој денар или евро“ и покрај лошите бројки во услови на пандемија.

Интернет страниците кои продаваат купони и овојпат во содржините на понуда ја имаат и Нова година. Ова претежно се однесува за домашните хотели, ресторани и клубови доколку, се разбира, има доволен број на заинтересирани и ако мерките го дозволат тоа.

Хотел: EPA-EFE/DIEGO AZUBEL

Хрватски „Јутарњи лист“ ја доловува атмосферата во земјата и очекувањата на угостителите во пресрет на празничната сезона. Весникот истакнува дека има понуда за сечиј џеб, како на пример околу 250 евра (1.799 куни) за четиридневна програма (три ноќевања на база на полн пансион) во кои е вклучен и спа, ногогодишен подарок и богат гастрономски дочек со тамбураши.

– Засега планираме дека дочек ќе има, но никој не може да гарантира со сигурност со оглед на ситуацијата. Имаме голем ресторан и сала за 500 гости и сме во можност да организираме вечера со придржување со пропишаните мерки. Секако дека ќе нема толку толку во хотелот и во ресторанот и ќе се држиме до бројките што се пропишани, се вели во изјава за „Јутарњи лист“ на рецепционерка на еден хотел во Загреб која сугерира да се направи резервација, но да се причека со уплата на аванс, пред да биде сигурно дека ќе може да се реализира новогодишната програма.

Слична е ситуацијата и во останатите земји од регионот и на континентот. Голем број на угостители најавуваат дочек на Нова година со музика во живо и забава од познати естрадни имиња од овие простори, но дали идејата ќе биде реализирана во пракса, ќе зависи од тоа дали и што ќе прифатат Владите од препораките на националните кризни штабови и Комисии.