Српскиот претседател, Александар Вучиќ, најави денеска дека првите количини, од „најмалку две“, а можеби и три вакцини против коронавирус, ќе пристигнат во Србија „пред крајот на годината“, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ изјави дека почетокот на вакцинацијата ќе зависи од здравствените власти, но додаде дека верува дека таа ќе започне „во декември, а најдоцна во јануари“.
-Првите количини од најмалку две вакцини, а се надевам три, ќе ги имаме пред крајот на годината, што ќе покаже дека Србија е меѓу земјите што успеаја да обезбедат вакцини од различни дестинации благодарение на угледот во светот, кажа Вучиќ.
Тој прецизираше дека Србија нарачала 340.000 дози вакцина Фајзер, дека во тек е тестирањето на руската вакцина и дека се чека регистрација на кинеската вакцина.
-Мислам дека заедно со уште една или две други земји во Европа, ќе бидеме единствените кои ќе добијат некои количини вакцини до крајот на годината. Голем дел од тие вакцини ќе ги добиеме во јануари. Разговараме и со Модерна за нивната вакцина, но тие можат да ја испорачаат дури на крајот од идната година. Ќе гледаме да ги понудиме сите видови вакцини, па граѓаните нека изберат, а мислам дека секоја вакцина е добра, изјави претседателот на Србија.