Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека и наредил на војската да разработи двоен план – за евакуација на цивилите од градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа и за победа над останатите делови на Хамас, додека меѓународниот притисок врз Израел се зголемува.
Израелската армија денеска изврши смртоносен воздушен напад во Рафа, последното место во енклавата каде засолниште нашле жителите на Појасот Газа.
Властите во Тел Авив ги игнорираа предупредувањата на американскиот претседател Џо Бајден и хуманитарните групи, кои рекоа дека ќе има голем број жртви меѓу палестинското цивилно население доколку израелските сили го нападнат градот.
Меѓународната загриженост за судбината на илјадниците раселени жители на Газа кои се засолниле во Рафа се засили откако Израел се закани со копнена операција во градот, во близина на египетската граница.
Вашингтон вчера соопшти дека нема да поддржи израелска воена операција во Рафа без соодветно да се води сметка за тешката положба на цивилите таму, а американскиот претседател Џо Бајден го опиша одговорот на Израел на нападите на Хамас на 7 октомври како „претеран“.