Албанскиот институт за статистика, ИНСТАТ, до Парламентот достави допис, по обвинувањата на опозициските демократски пратеници за потрошените средства и доцнењето со објавувањето на резултатите од пописот на населението.

Во својот одговор до Собранието, ИНСТАТ наведува колку ги чини Албанците пописот и додава дека „главните податоци ќе бидат објавени во јуни“.

-Пописот чинеше 16,9 милиони евра, што претставува просечни 5,7 евра по жител, што одговара на просекот на европските земји кои спроведуваат традиционален попис. Над 50 отсто од трошоците се за лицата ангажирани на терен, наведува Институтот.

Во однос на рокот до кога ќе бидат објавени податоците, од ИНСТАТ појаснуваат дека на локално ниво, првичните резултати ќе бидат објавени во јуни а целосните во октомври годинава, додека податоците се очекува да бидат испратени до ЕВРОСТАТ во декември.

По две одложувања во 2021 година, поради пандемијата со Ковид-19 и следната, поради необезбедени таблети за попишувачите, пописот се одржа минатата година.

Пописните активности на терен почнаа на 18 септември и требаше да завршат на 30 октомври, но во одделни рурални области продолжија до 15 ноември.

Ова беше 12 попис на населението во Албанија, првиот бил спроведен во 1923, а последниот во 2011 година.