Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека Србија во понеделник (5 февруари) ќе побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за Косово, откако косовските власти донесоа одлука за укинување на српскиот динар.
Тој во своето обраќање до јавноста рече и дека по одлуката за укинување на динарот косовската полиција влегла во одредени институции на српските привремени власти на Косово.
На 1 февруари во Косово стапи на сила уредбата на Централната банка на Косово (ЦБК) со која се предвидуваше за плаќање да се користат само евра, со што се прекинува употребата на српскиот динар. Владата на Косово најави дека спроведувањето на регулативата за готовинско работење ќе се одвива преку лесна транзиција.
Вучиќ рече дека Србија на косовските Срби ќе им плати однапред околу 22 милиони евра за плати, за пензии и за други бенефиции.