Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини. Тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение, велат од Владата, по реакциите дека техничкиот премиер Талат Џафери го повлекол предлог законот со кој се предвидуваше дека функционерите кои ќе се најдат на црните листи на САД и Велика Британија да не можат да извршуваат јавна функција и против нив да се поведе истражна постапка пред македонските институции.
– Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија, се вели во одговорот од Владата.
На 221-та владина седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието.
Вчера, Движењето БЕСА обвини дека првата работа која ја направил Талат Џафери како технички премиер е повлекување на предлог законот за рестриктивни мерки, со кои како што велат од оваа партија, сакал да ги спаси криминалците од ДУИ и СДСМ.
-Многу бргу на ДУИ им паднале маските. На виделина е фактот дека техничкиот премиер Талат Џафери решил технички да ги спаси криминалците потврдени и од САД.
Тоа докажува и еден факт, дека Талат Џафери е секогаш тука каде што мора да се брани ДУИ и нејзиниот криминал. Кога требаше во Собранието да се блокираат закони во интерес на ДУИ и на штета на Албанците беа тука, сега е потребно во Владата, бидејќи таму ќе ги штити криминалите, сто во реакцијата од Движењето БЕСА.






















