Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба  со Н.Е. Едуардас Борисовас, новоименуваниот амбасадор на Литванија во Република Северна Македонија. Тој упати честитки за изборот на амбасадорот и му посака успешна работа во натамошното зацврстување и унапредување на билатералните односи меѓу нашите две земји. Изрази поддршка за одлуката на Литванија да отвори канцеларија во Скопје, што е израз на блиските пријателски и партнески односи меѓу двете земји.

Понатаму, претседателот изрази благодарност за контитуираната поддршка што нашата земја ја добива за пристапувањето во ЕУ, како и за подготвеноста за споделување на искуствата на тој пат. Особено во ова време на сериозни геополитички и економски предизвици во Европа и светот, за што изрази надеж за натамошна поддршка на Република Литванија за интеграцијата на Република Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан во Европската унија.

Амбасадорот Борисовас истакна дека Република Северна Македонија и Република Литванија, како земји членки на НАТО, имаат одговорност за зачувување на мирот и стабилноста во Европа. Литванија се залага за проширување на ЕУ кон Украина, Молдавија и Грузија, но, исклучително важно е процесот на проширување на Унијата да продолжи, врз принципот на заслуги, кон земјите од Западен Балкан и тие да станат полноправни членки на Унијата што е можно поскоро, односно до 2030 година.

Двајцата соговорници се заложија за унапредување на економската соработка, како и соработката во областа на истражувањето меѓу универзитетите на двете земји. Тие се согласија дека врските меѓу националните парламенти мора да се одржуваат и продлабочуваат, бидејќи силата на парламентарната дипломатија може значајно да придонесе во зацврстување на вкупните билатерални односи.