ЕПП сака „поделба“ на функцијата висок претставник за надворешна политика и безбедност

Европската народна партија (ЕПП) сака промена во ресорот за надворешни работи и одбрана во следниот состав на Европската комисија, предлагајќи укинување на сегашната функција висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Ваквата идеја се содржи во Предлог-изборната програма на ЕПП за изборите за Европскиот парламент во јуни годинава, во која се предлага сегашната функција висок претставник за надворешна политика и безбедност да се „подели“ на две – еврокомесар за одбрана и „министер за надворешни работи на ЕУ“, пренесува МИА.

Предлогот на ЕПП предвидува Европската комисија да добие „поголема улога во одбранбената политика“ со назначување на еврокомесар за одбрана, кој би ги презел надлежностите што сега ги има високиот претставник во делот на безбедноста, како и обврските на еврокомесарот за внатрешен пазар во делот на одбранбената индустрија на ЕУ.

Според предлогот на ЕПП, комесарот за одбрана „подобро ќе ги координира одбранбените прашања во делот на надлежностите на ЕУ, ќе промовира соработка и во исто време ќе обезбедува буџет за одбраната од најмалку 0,5 отсто од БДП на Унијата“. Со таков буџет, според ЕПП, ЕУ ќе „обезбеди ресурси за иновации и за задоволување на воените потреби“ во услови кога мора „да ги засили капацитетите на производителите на вооружување“.

Делот, пак, од надлежностите на високиот претставник во надворешната политика би преминале на вршителот на новата функција „министер за надворешни работи“.

Според правилата на Унијата, еврокомесарите се избираат на тој начин што секоја земја членка номинира по еден од нов, додека предлагањето на високиот претставник за надворешна политика и безбедност, како и на првите луѓе на Европската комисија, на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент е во надлежност на политичките групации.

Во последните мандати на институциите на ЕУ, ЕПП како најбројна политичка група ги предлагаше претседателите на ЕК и на Европарламентот, а Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите, како втора по бројност групација, го номинираше првиот човек за надворешна и безбедносна политика.

Во предлогот на ЕПП, меѓутоа, не се посочува како би се избирал „министерот за надворешни работи“, но се забележува дека „претставниците за надворешна политика досега именувани од социјалдемократите честопати не ја исполнуваат својата улога“.

Идејата за воведување на функцијата еврокомесар за одбрана не е нова. Претходно, тоа го предлагаше и холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен, која доаѓа од редовите на партијата Демократи 66, членка на либералната групација Да ја обновиме Европа, како и шефот на Европската агенција за одбрана (ЕДА), Јиржи Шедиви, номиниран од чешката Граѓанска демократска партија (ОДС), членка на Европската партија на конзервативци и реформисти (ЕЦР).

Во Предлог-изборниот манифест на ЕПП се промовира и идејата за формирање на „Европски совет за безбедност“, кој би имал задача да и овозможи на ЕУ „брзо да реагира на меѓународни кризи и кохерентно да ги следи своите надворешнополитички одлуки“, како и носење на одлуки за надворешната и одбранбената политика во Унијата со квалификувано мнозинство, наместо со консензус.