Јапонија потпиша договор со САД за купување до 400 крстосувачки ракети „Томахавк“ во обид да ги зајакне своите воени капацитети како одговор на зголемените регионални закани.

На денешното потпишување на купопродажниот договор присуствуваа јапонскиот министер за одбрана Минору Кихара и американскиот амбасадор во Јапонија, Рам Емануел.

Обуката на јапонските војници за користење на овие ракети, како што најави Емануел, ќе започне во март. Владата на јапонскиот премиер Фуми Кишида вети дека ќе ги удвои своите годишни трошоци за одбрана на околу 62,5 милијарди евра до 2027 година, што ќе ја направи Јапонија трета држава во светот по издвојувања за војската после САД и Кина.

Јапонскиот министер Кихара во декември објави одлука за забрзување на набавката на некои крстосувачки ракети „Томахавк“ и јапонски ракети земја-брод почнувајќи од фискалната 2025 година, една година пред првичниот план. Во ноември минатата година, САД одобрија продажба на околу 400 проектили од два типа „Томахавк“ во вредност од 2,35 милијарди долари, кои можат да бидат лансирани од воени бродови и да погодат цели оддалечени 1.600 километри, соопштија официјални лица.

Дополнително, кон крајот на минатата година, јапонската Влада ја ублажи забраната за извоз на смртоносно оружје и набрзо одобри испорака на ракети „Патриот“ од јапонско производство во САД. Јапонската Влада тврди дека Токио се соочува со „најтешкото“ безбедносно опкружување од Втората светска војна поради заканите од Кина и Северна Кореја, поради што ја зголеми воената соработка со САД, Австралија, Велика Британија и други земји.