Првиот човек на Синдикатот на М-НАВ, Александар Тасевски, во божикната честитка воедно упати и апел дека реакциите и валканите игри им ја отежнуваат борбата за професионализам во М-НАВ. Како што вели тој не смее да има поделба по етничка линија. Има, само професионалци и непрофесионалци, вели Тасевски.
Еве што напиша тој на социјалните мрежи:
Здравје, мир, љубов, сплотеност…
Најчестите зборови што ги користиме на овој голем празник кога си честитаме еден на друг.
Во нашата борба за професионалност која што ја водиме подолго време, би ве замолил сите да се придржиме кон истите. Здравје за сите инволвирани, мир и разум при нашите реакции, љубов за сите искрени поддршки, и сплотеност за нас, и тие што се борат за истите причини.
Валканите игри, иако очекувани, ја отежнуваат нашата борба, но истотака и непомислените коментарии и реакции кои иако во мал број, не ни одат во прилог. Ни мене, ни на ССКЛ како наше семејство. Би ве замолил, со мир, љубов и сплотеност, да не се расплиниме по етничка линија, нешто што некој друг се обидува да го направи, да не им помогнеме во намерата. Се бориме за професионалност, не за македонци или албанци, не за поединци, не за партии!Професионалци имаме, македонци и албанци. Некои невкусни коментари индиректно фрлаат дамка и врз нивната искрена работа и труд и нивната поддршка.
Нека на овој голем празник, овие зборови допрат до вас, и со ладни глави, љубов во срцето, дозволете да бидеме сплотени, како што сме почнале.
Ние успеавме да ја надминеме поделбата, затоа и успеваме. Тоа е тајната и за просперитетна држава во каква сите посакуваме да живееме.
Честит Божиќ, Христос се роди!