Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) денеска повика на непречен и безбеден пристап до хуманитарна помош за Појасот Газа.
-Ги повикувам израелските власти, другите страни во конфликтот и оние кои имаат влијание врз нив да зачуваат средина за безбедно и непречено доставување хуманитарна помош, напиша денеска шефот на УНРВА, Филип Лазарини.
Тој повика да се обезбедат хуманитарни резерви за Појасот Газа за да одговараат на огромните потреби, вклучително гориво, храна, лекови, вода и хигиенски материјал, исто така и за оние со специфични потреби како жени, адолесцентни девојчиња и лица со посебни потреби.
Неодамнешните проценки на УНРВА се дека 40 проценти од жителите на Газа се во опасност од глад.
-Државата Израел како окупаторска сила мора да се погрижи населението да има пристап и да му се обезбедуваат основни услуги, рече шефот на УНРВА, повикувајќи ги и другите завојувани страни во конфликтот да го олеснат хуманитарниот пристап до сите оние на кои им е потребно.
Храната, водата, горивото и целата хуманитарна помош, додаде тој, никогаш не смеат да се користат како воено оружје.