Руското Министерство за одбрана потврди дека рускиот десантен брод Новочеркаск, закотвен во Феодосија на окупираниот Крим, бил „оштетен“ од украински ракетен напад во раните утрински часови на 26 декември, пренесува Кијив индипендент побвикувајќи се на изјавата што ја објави рускиот државен медиум ТАСС.
Командантот на украинските воздухопловни сили, Микола Олешчук, објави дека бродот бил погоден порано на 26 декември, но навести дека е уништен, а не оштетен, што се чини дека е поткрепено со видеата од местото на настанот.
„И флотата на Русија станува сè помала и помала“, рече тој. „Овој пат, големиот десантен брод Новочеркаск…Благодарност до пилотите на воздухопловните сили и сите вклучени!
Олешчук, исто така, сподели видео од голема експлозија, која се подразбира дека е поврзана со ударот во Новочеркаск.
Околу 3 часот по локално време, Кримските Телеграм канали објавија експлозии во областа Феодосија во источен Крим. Телеграмск канали тврдеа дека брод со иранска муниција наводно бил кренат во воздух и избувнал пожар во пристаништето.
Според медиумите поврзани со Русија, жителите пријавиле дека слушнале силни експлозии и виделе чад, а сообраќајот на мостот на Крим бил блокиран.
Шефот на руските окупациски власти на Крим, Сергеј Аксјонов изјави дека во нападот е убиено едно лице, а уште две се повредени. Оштетени се и неколку згради во близина. Руските медиуми објавија дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за „оштетувањето“ на бродот.
Новочеркаск е брод со средна големина со должина од речиси 113 метри, дизајниран за амфибиски истоварање и може да носи оклопни возила, се вели во информативен лист на американската војска цитиран од Си-Ен-Ен. Има екипаж од 87 лица и може да биде домаќин на речиси 240 лица.
Генералштабот на Украина соопшти дека бродот претходно бил оштетен од удар во близина на украинскиот пристанишен град Бердианск во март 2022 година.
Украина постојано ја таргетира руската Црноморска флота од почетокот на целосната инвазија, вклучително и потонувањето на водечкиот крстосувач Москва во април 2022 година и разорниот ракетен напад врз седиштето на флотата во окупираниот Крим, во кој наводно загинале повеќе од 30 офицери.
Министерот за вооружени сили на Обединетото Кралство Џејмс Хепи во октомври изјави дека успешните напади на Украина доведоа до „функционален пораз“ на руската морнарица во Црното Море.
Претседателот Володимир Зеленски во октомври предвиде дека Украина наскоро ќе има целосна огнена контрола над окупираниот Крим, наведувајќи го широкиот неуспех на руската противвоздушна одбрана на полуостровот.
Тој, исто така, истакна дека руската Црноморска флота претрпе толку значителни загуби што се планира да се отвори нова поморска база во Абхазија, регион окупиран од Русија во Грузија лоциран на Црното Море, со цел да се преместат бродовите „што е можно подалеку од украинскиот ракети и поморски дронови“.
Подготви: Драган Мишев