Инспектори од Управата за финансиска полиција денеска влегле во Град Скопје за да проверат како е реализирано новогодишното украсување на главниот град, потврдуваат за МИА од Управата за финансиска полиција.

Од Управата за финансиска полиција не откриваат повеќе детали, нагласувајќи дека предистрагата е тајна и откако ќе заврши увидот, ќе излезат соодветни законски мерки.

– Имајќи предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица, Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот Јавен обвинител, велат од Управата за финансиска полиција.

Во меѓувреме градоначалничката Данела Арсовска, на својот Фејсбук профил објави фотографија како игра шах со Дедо Мраз во, како што напиша, „исчекување на резултатите од истрагата за елката“.