Во еден од најагресивните напади врз конкурентонт Доналд Трамп, кампањата на Џо Бајден во твит објавен синоќа ја спореди реториката на експретседателот со онаа на нацистичкиот лидер.
Се работи за три цитати од говорите на Трамп што многумина во САД ги потсети на некои зборови кажани од Хитлер. Во твит на кампањата на Бајден на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) сликата е насловена „Трамп го повторува Хитлер како папагал“ со коментар „Ова не е случајно“.
Твитот се повикува на говорот на Трамп во кој своите политички ривали тој ги споредува со „гадинки“. Според историчарите, диктаторите го употребуваат овој збор да ги обесчовечат противниците. Во соопштението се вели дека Хитлер ги споредува Евреите како „гадинки“, но Трамп тоа не го прави.
Сликата го покажува повторуваниот коментар на Трамп дека нелегалните имигранти „ја трујат крвта на нашата земја“. Кампањата на Бајден го спореди ова со цитат од Хитлер во кој се споменува „загадување на крвта“ од “инфериорна раса“ што води кон „пад на Германија“.
Портпаролот на кампањата на Бајден, Амар Муса, коментираше викендов дека Трамп „го повторува Хитлер како папагал“ кога експретседателот на својот митинг во Њу Хемпшир го повтори „труењето на крвта“.
Бајден ги отфрли кажаното од Трамп за имигрантите неделава за време на митинг во Милвоки, Висконсин.
-Како што поранешниoт претседател повторно кажа вчера, не верувам во тоа дека имигрантите ја загадуваат нашата крв. Економијата и нашата нација се посилни кога целосно се употребува силата на талентите во оваа нација. Мојата администрација ќе продолжи… да се спротивставува на овие напади бидејќе секој заслужува фер шанса“.
На митинг во Ајова завчера Трамп го одбрани своето тврдење дека „имигрантите ја уништуваат крвта на нашата нација“, и потоа кажа дека употребува јазик „на сосем поинаков начин“ од Хитлер и дека „никогаш не ја читал“ книгата на Хитлер, Mein Kampf.
Кампањата на Трамп го обвинува Бајден дека е директно одговорен за огромниот приток на имигранти во САД што деновиве резултира во над 12.000 задржувања дневно на јужната граница.