Од денеска почнува скијачката сезона на ски центарот „Стрежево“ со кој стопанисува истоименото јавно претпријатие.
Според востановената традиција, скијањето на првиот ден е бесплатно за сите посетители на двата ски лифта, а вечер ќе има и ноќно скијање.
-Синоќа, со наша механизација и камиони од „Македонија пат“ овозможивме патот да биде прооден и проширен по интензивните снежни врнежи деновиве, а се исчисти и паркинг просторот наменет за посетителите на Ски-центарот Стрежево. Завршивме со уредување и обележување на постојните скијачки патеки, а ќе функционира и редарската служба. Нашиот скијачки центар е целосно екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски – терените, изјави Методија Граматковски, генерален директор на ЈП „Стрежево“-Битола.
Ски центарот „Стрежево“, кој се наоѓа во атарот на Нижо Поле, подготвува богата програма за посетителите во претстојната скијачка сезона.