Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Го слушнав вчера Ковачевски на Канал 5, веројатно вратен од Брисел. Штом го има Видиновски А., штом го има македонското знаме во позадина, штом ги има оние наши „типични витрини“ во позадина, штом има во кајронот – (мое лево) „in vivo“ – тоа ми кажува дека Таче се вратил од Брисел.

И, како и претходниот текст, така и овој – какви се моите впечатоци? Антрополошки гледано (а јас на луѓето им гледам во очи кога говорат), се приметува жар и страст во овој човек додека зборува за политика. И што да ви кажам, а што не сум ви кажал претходно: сакам луѓе кои на таков начин зборуваат, затоа што мене ми оддава впечаток дека работите кои излегуваат од нивната уста нешто им значат, во нешто се верува, за нешто се мисли и следствено на тоа и гата.

Додека беше жива Меги Тачер, цитирам по сеќавање, рече вака: „What we think, we become“ („Тоа што мислиме, тоа стануваме“). Што ќе ни рече дека Ковачевски од ден-на-ден станува се посилен премиер. Му се гледа тоа во очите, низ очите се приметува страст, се гледа неговата кохерентност во начинот на кој ги изговара речениците.

Да бидам крајно отворен: мојот политички хабитус е опозиционерски, ама како да бидам опозиционер кога за работите кои говори Ковачевски јас во целост се согласувам? Како да го мавнам „по тинтара“ кога за работите кои ги зборува јас ги зборував уште во 2010 година? Нецели 14 години се залагам за такви вредности. За работите кои денес Таче ги зборува и се залага, во основа се и мои вредносни системи. Повеќе слобода, повеќе човекови права, повеќе демократија… А, за тоа да се случи, нужно на земјава ѝ е потребен Европскиот правец и фокус.

Притоа, покачува регрес, плати, пензии, јакне слаби и декласирани луѓе… Пристоен е, изговара оштри, прецизни и демократски зборови. Во основа е демократ, не е авторитарен, не е популист. Знае што сака, знае каде треба земјата да се движи. Тоа е премиер, ценет публикуме. А тоа што овие зборови не им се допаѓаат на опозицинерите, тоа не кажува за мене ништо, тоа за нив кажува сè.

Ајде што зборува (и верува!) во работите кои формално-правно се типични за сите демократски поредоци, што значи не е популист, не бара владеење исклучиво во лично име (како што беше случајот со Груевски); не вели медиумите се лоши (иако сите знаеме дека медиумите се катастрофални таблоиди, чест на исклучоци!), не им вели (на медиумите) бидете за мене и мојата партија (како што беше случајот со Груевски), не им вели на судиите (како што беше случајот со Груевски) бидете за мене и мојата партија… Не, ништо од тоа Таче не вели. Таче има Европски правец и одговорност за сите граѓани. И тоа е единствената работа што еден европски премиер треба да ја има.

Од друга страна, гледајќи ги и слушајќи ги зборовите на премиерот, нужно се поставува прашањето: каква е ситуацијата во опозицијата? Ако кажеме дека е необична, тогаш зборуваме за непрецизен термин. Ситуацијата во опозицијата е луда, надвор од себе. Откако ќе заурлаат на Бастиља, мавајќи по власта, нели, мајките на опозиционата инвенција качат слики на Фејсбук и чекаат лајкови, па ги бројат, нели, за да видат колку се релевантни. Од таквите лајкови може единствено да „о’каче мачку о реп“, што би рекле нашите северни браќа.

Имено, ако опозицијата е ваква каква што е, што значи антиевропска и проруска, не извади своја автентична политика, политика контра политиката на Ковачевски, ви тврдам, на следните избори повторно ќе се слупа. Не може со исти груевистички матрици да биде СДСМ победен. На груевистички матрици СДСМ јакне, се мобилизира. Многу е глупаво со такви методи да ја поразат СДСМ; да ја напаѓаш СДСМ со исти методи заради кои СДСМ се качи на власт, тоа мене ми кажува дека се работи за тешки опозициони дилетанти.

Да подвлечеме црта. Владата со сите демократски средства си ја брани својата позиција. А опозицијата со сите средстава ја брани следната власт која ќе дојде, а очигледно е дека таа власт ќе биде повторно истата власт – СДСМ и ДУИ, како и нивните коалициони партнери; оти, да не се лажеме, СДСМ има далеку поголем коалиционен потенцијал од ВМРО-то на Мицкоски и онаа шашава Левица.

Опозицијата во Македонија е неуспешна затоа што е авторитарна. Во многу наврати ми замеруваат дека премногу го бранам СДСМ и Ковачевски, а јас само им велам дека во себе немаат никакви идеи кои може да го поразат Ковачевски. А ако до сега ги немале, значи дека и во иднина ќе немаат никакви идеи.

А ако опозиционерите мислат дека јас ќе бидам опозиционер и само ќе плукам по оваа релативно пристојна и проевропска Влада, мора да им кажам дека со ќорави работи (и уште по-ќорави идеи) не се занимавам.

Искрено, фер-плеј, слободно и демократски може да работиме на што сакаме. Почнат ли „муљање“, сплетки, кулисни игри, авторот на овој текст на таквите работи им нуди Црвен бан и продолжува напред, по свое. Секогаш и секаде по свое.

Тоа што го мислиме, тоа стануваме / What we think, we become.

Превземено од Фронтлине.мк